Емил

вторник, октомври 03, 2006

ТИНО И МАРИНА

Велат дека во одреден преиод од животот луѓето чувствуваат потреба да станат родители. Демек, кај жените тоа чувство било поизразено и се викало мајчински инстинкт. Е, па, според моите искуства тоа не е баш мајчински. Пред две години почувствував потреба дека сакам да се грижам за некого, дека сакам да имам некој кому ќе му ја дадам својата безрезервна љубов и колку-толку ќе бидам сигурен дека ќе ми биде вратена и дека нема да останам со скршено срце.
Значи, тогаш сакав да станам родител. Е, арно, ама, не сум женско за да можам да си родам бебе, а сигурен сум дек нема да можам да најдам некоја девојка што би сакала да ми роди дете и потоа да ми го остави. Затоа решив дека е време за домашно милениче. Размислував што би можело да биде тоа. Риба во никој случај, зашто со неа не се комуницира. Мачка исто така не доаѓа предвид, зашто се многу егоцентрични, а башка мајка ми не сака мачки. Куче не е хумано да се чува во стан, а башка треба секој ден да се шета по неколку пати, а јас немам толку време. И тогаШ на ум ми падна дека е убаво да имам папагал. Уште како дете си го имав Роко, тигрица, најумниот и најубавиот папагал на светот. Живееше осум години, спиеше со мајка ми легнат на перница, комуницираше со нас, се лутеше кога заминувавме, се шеташе по маса кога јадевме. Роко многу сакаше и да се бакнува, а кога ќе се налутеше, ќе одлеташе во својот кафез, ќе влезеше внатре, ќе ја затвореше вратата и ќе ни го завртеше грбот. Потоа моравме да му се додворуваме за да ни се смири.
Една година, на лето, немаше каде да го оставиме додека сите бевме на семен одмор. Бидејќи знаевме дека Роко е паметно суштество, мајка ми му остави полна чинија храна и уште една со вода, па го пуштивме од кафезот за да седи сам 10 дена. Му оставивме и ради вклучено, натемприано кога да се вклучи и кога да се исклучи. По десет дена се вративме. Кога не виде Роко беше избезумен од среќа. Моето срце се скрши кога видов дека чинијата со храна не беше допрена. Роко бил тажен, ништо не каснал.
И така изборот падна на папагли. Моитре другарки Тина и Марина решија дека тие ќе ми подарат папагали за мојот роденден, само требаше самиот да си ги изберам. Отидов во ГТЦ и видов две розели. Веднаш се вљубив во нив. Им кажав на другарките дека нив ги сакам. И така на 23 април 2005 година во мојот дом се најдоа Тино и Марина. Најубавите и најтврдоглави папагали на целиот свет. Очекував дека многу бргу ќе стапам во пријателски контакт со нив и дека ќе си играме и ќе се галиме и ќе се бакнуваме. Ама не бидна така. И не велам дека ми е жал. Јас ги сакам, а и тие мене, само што се држиме на дистанца. Тоа се суштества со карактер и не сакаат многу да им се мешаш во нивните работи.
Но, сфатив една работа, кога не ми било добро Тино и Марина секогаш биле мирни и примерни. Кога сум заспивал покрај нив и кога ќе се разбудам ги наоѓам како ме гледаат, Марина, пак, многу сака да си игра „Ѕе„ со мене (значи јас треба некаде да се скријам и одеднаш да се појавам, а таа да се израдува). Тино и Марина се многу љубоморни кога некој ќе ме гушне, љубоморни се и кога некој ќе седне на моето биро, а не дај Боже да почне да работи на компјутер, е тогаш се лутат и го бркаат. Мило ми е што моите папагали се љубоморни. Тоа е сигурен знак дека им значам нешто. Немам човечки деца, но ги имам ТИНО И МАРИНА.