Емил

среда, октомври 04, 2006

РЕПОРТАЖА: НАЈРОБИ – ОЛИЦЕТВОРЕНИЕ НА АФРИКА

Додека со авион се спуштате кон црвената африканска земја пред вас се отвораат вратите на еден од најмодерните градови на тој континент – Најроби. Кенија е горда што нејзината престолнина примамува многу туристи кои доаѓаат во него за да ја почувствуваат африканската природа и оттука да тргнат кон нови авантури на кои ќе се сеќаваат сиот свој живот. Најроби е модерен и космополитски град кој има многу што да понуди. Првото нешто што ќе го слушнете тука е Jambo na Karibu што во превод значи “здраво и добредојдовте”. И навистина е така. Најроби е еден од најгостољубивите градови не само во Африка, туку и во светот.


Она што прво го плени секој посетител е природата која Кенијците ја чуваат како зеница во очите. Во центарот на градот се наоѓа паркот Уру кој е и најпосетен во текот на целата година, токму поради неговата местоположба. Во него ќе видите многубројни птици кои се типични за африканското поднебје. Тие нема да се исплашат од вас, доколку немате намера вие да го сторите тоа. Исто така во него можат да се видат и голем број ендемски растенија, кои ги има само во Кенија.

Тука покрај реката се собираат млади луѓе кои со гитарите пеат разни песни што обично му се посветени на мирот, на природата и на дружбата. Покрај нив пеат и играат припадници на различни африкански групи, истакнувајќи ја убавината на африканскиот ритам.

Во близина на Уру паркот се наоѓа и Нациналниот музеј на Кенија. Во него се крие огромен дел од минатото на оваа земја и се зачувани богатствата на африканската истрија. Но, овој музеј не е статичен во поглед на материјалите и информациите што ги поседува. Тој воедно е и научен институт каде постојано се работи на обновување на музејскиот материјал, како и на информациите за експонатите изложенни во него. Она што навистина може да ве зачуди кога ќе влезете во него е етапноста во средувањето на музејскиот материјал. На почетокот ќе наидете на черепи и костури од праисториско време, па како се движите низ историјата ќе дојдете до експонатите кои и припаѓаат на современата кенијска историја.

Откако ќе го напуштите националниот музеј пред вас ќе се најде едно мало здание кое привлекува со својот изглед. Тоа е музејот на живи африкански животни и растенија или како што го нарекуваат “парк на змиите”. Прво нешто со кое ќе се сретнете воо овој музеј е африканската црна мамба, најотровната змија во светот, а до неа се наоѓа домот на најголемата и најдолга змија – питонот, за кој ќе ви требаат неколку минути да погодите каде му се наоѓа главата, а каде опашка. Во средината, пак, е сместено мало паркче, заградено со камена ограда, во кое живеат желки. Тука може да се видат желки со должина од еден метар кои неподвижно седат во аглите на оградата.

Во понатамошната прошетка ќе ги видите и крокодилите и алигаторите кои мрзеливо се движат низ водата. Во посебно издвоен дел од овој музеј се наоѓаат и аквариуми со ендемски видови риби. Во него можете само да бидете фасцинирани од боите што природата им ги подарила на овие живи суштества. Некои од нив се плашат кога ќе им се доближите, а други, пак, се собираат до работ на аквариумот.

Напуштајќи го овој дел се приближувате до музејот на растенија. Во него се наоѓаат ендемски растенија што растат во Кенија, а кои се донесени од сите страни на оваа земја богата со флора. Ќе бидете изненадени од нивната форма, од начинот на кој вегетираат, како и од бојата на нивните цветови.

Во близина на овој музеј се наоѓа и еден мал дел кој му е посветен на традиционалниот африкански живот на село. Тука се наоѓаат колиби направени од кал и слама, како и дрвени колиби во кои до денешен ден живеат многу луѓе на село.

Во нивна близина се наоѓа и паркот на скулптури со кој кенијските уметници најмногу се гордеат зашто сите скулптури во него се направени од материјали за кои се сметало дека не се потребни и дека можат слободно да бидат фрлени на ѓубриште.

Еден факт што изненадува. Кенијците им посветуваат големо внимание на свите деца, па затоа тие се присутни во музеите, на разни хуманитарни настани, на концерти и слично. Токму за нив во центароот на градот е направен специјален полигон во кој најмалите можат да ги научат правилата на движење на пешаците и имаат можност да видат како работат автомобилите и мотоциклите, а за оние кои ќе изразат желба можат и да се повозат. Децата во оваа земја се билингвисти, а како втор јазик се јавува англискиот, бидејќи до 1963 година Кенија била британска колонија, а оттогаш па се до денес опстојува како демократска република. Но, како и да е, навиките остануваат запечатени во навиките на населението, така што се смета дека без англискиот јазик не може да се опстојува во земјата. Дури и 95% од телевизиската програма е на англиски јазик.

Она што навистина може да ве растажи во овој град е бедата и болестите. Голем дел од жителите на Најроби живеат во сиромаштија и се трудат на најразличен начин да дојдат до пари: од возење такси, чистење на улици и јавни објекти, па се до продажба на црно по тротоарите. Болестите како што се маларијата, жолтата треска и сидата се речиси секојдневие за жителите на овој град.

Но, колку и да е сурова реалноста, сепак останува фактот дека Најроби е еден од најзелените градови во светот, во кој природата е се уште жива.


1 Comments:

  • Кога ја читав репортажата како да ги читав репортажите на national geographic. Одлично и жално што не привлекува внимание ( коментари) баш ова.
    Да се плукнам во испревртеното око на народот.

    By Blogger Dule varvar, at 1:02 попл.  

Објави коментар

<< Home