Емил

понеделник, октомври 16, 2006

МОИТЕ ПАРФЕМИ

Инспириран од постот на http://www.striking_beauty.blog.com.mk/ посветен на романот “Парфем” од Патрик Зискинд, решив да им се посветам на мирисите, оние убавите, на неговото величество ПАРФЕМОТ. Мислам дека сиот свој живот сум бил опседнат со него, што од искуство знам дека не е вообичаено за нашава средина. Еве ги моите омилени парфеми, оние што нон-стоп ми се во оптек и без кои не можам да живеам!

SALVADOR
Овој парфем од линијата на Salvador Dali, за првпат бил пуштен во употреба во 1992 година. Неколку години подоцна го имав во своите раце. Во него се измешано најхаризматичните мириси на светов. Фугер, пачули, кедар, лаванда, мошус и сандалово дрво. Невидена комбинација, која го прави мажествен, а нежен, силен и сладок, едноставно неодолив. Тоа е мојот парфем број еден и не го давам за ништо. Ако некој навистина сака да го има ќе мора и да се потруди за да го набави. Кај нас го нема, но секако на фри шоповите по големите аеродроми може да се најде.
LE MALE

Прво што ќе ве плени кај овој парфем од линијата на Jean Paul Gaultier е уникатната амбалажа. Метална кутија во која се наоѓа машко морнарско торзо. Мирисот е апсолутно невообичаен. Сладок, со многу морски елементи. Чувството на разблажен мошус е константно. За првпат го добив на подарок пред осум години. Веднаш ме занесе, го откри она што е навистина глорифицирачко во мене. Кај нас, секако го има, но нешто ми е сомнително кога го видов во парфимерија. Флаконот наместо да биде матиран со бели хоризонтални линии, беше проѕирно стаклен со сина боја. Сепак, фри шопот е најсигурна варијанта.

BODY KOUROS – BLACK

Мислам дека е најстариот под овој назив од линијата на Yves Saint Laurent. Уште кога се појави во продавниците во 2000 година, ме примами. И, секако, на следното мое патување го купив. Првото што се чувствува во овој парфем е неодоливиот спој на еукалиптус со кедар. Него го користам обично преку ден, зашто од една страна е сладок и јак, тип на парфеми какви што сакам јас, а од друга страна не е многу нападен, зашто еукалиптусот му дава свежа нота.

LE ROY SOLEIL

Уште еден парфем од линијата на Salvador Dali. За првпат се појави пред речиси седум години. Тоа беше првиот стрејт парфем од оваа колекција. Нешто што е навистина интересно: спој на ароматични дрва со тутун. Просто е неверојатно како може тутунот да има толку добар мирис. Јас си го користам преку ден, зашто е свеж и лесен. Го има и во мали пакувања, во облик на пенкало, кои можат слободно да се носат во џеб. Повеќе нема причина за мажите да не користат парфем.

DAVIDOFF COOL WATER – SEA, SCENTS AND SUN

Многу ми е мило што успеав да го фатам овој парфем, зашто беше пуштен во ограничена количина. Всушност, благодарен сум му на Игор кој на доаѓање од Амстердам ми го донесе. Оригиналната верзија е произведена во 1998 година, а оваа што мене ми е омилена е од пред една година. Се уште го има во фри шоповите, зашто откако ограничените количини беа потрошени за ужасно кратко време, производителот реши повторно да го происведува. Она што е интересно е што освен стандардот на cool water, во оваа варијанта има повеќе мошус и други масла од алги, кои го доловуваат незаборавниот мирис на морето.

GAMBIT

Ова е модрена верзија на некогаш познатиот Brut. Англискиот производител на парфеми Scentsational го создаде и го пушти во продажба пред две години. Но тогашната и сегашната верзија се разликуваат. Во прво време овој парфем беше со траење на дезодоранс, а во сегашната трае колку и останатите поарфеми, а згора на тоа и мирисот е многу посилен. Доминира миризбата на егзотични дрва, како што е сандалот, измешани со мирис на лимон.

BLV NOTTE

Одличен парфем за мажи од линијата на Bvlgari. Овој парфем, како што кажува и самото име, е вечерен. Машката верзија е спој на ѓумбир, тутунов цвет и масло добиено од егзотичното дрво венги, а сето тоа зачинето со мирис на темна чоколада. Астролозите Сузан Милер и Жан Моран им го препорачуваат овој парфем на оние што се родени во знакот на Овен, Близнаци и Бик. П.С. Јас сум Бик!

LOOTOS

Единствено и незаборавно мирисливо масло. Името е добиено од арапска варијанта на зборот лотос, кој пак е познат и како египетска водна лилја. Потребни се само неколку капки на вратот и прекрасниот ориентален мирис на лотосот останува на кожата преку цел ден. Доколку се најдете во некоја арапска земја, особено во Египет, не заборавајте да си го купите – едноставно е неодолив.